veni
This page is from the old web site of Veni Markovski.
To see the new content, please, visit the main page!

от в-к "Дневник":
Вечерва на самуиловата тврдина
Премиера на "Македонски Фауст"

Претставата на Младен Србиновски, автор на текстот, и на режисерот Сашо Миленковски предизвика големо претпремиерно интересирање и кај културната и кај политичката јавност

На Самуиловата тврдина во Охрид, вечерва во 23 часот премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Македонски Фауст“ од Младен Србиновски, во режија на Сашо Миленковски. Проектот - прв во продукција на Центарот за развој на урбана култура „Бабилон“ од Скопје, кој го формира Миленковски - веќе доволно го испровоцира интересирањето на јавноста: со темата (Венко Марковски), со финансиите (министерот лично ќе вложи во реализацијата), итн. Се очекува премиерата да ја следат високи државни и партиски функционери.

Првата изведба на „Македонски Фауст“ требаше да биде во вторникот, но авторите на прес-конференција објаснија дека одложувањето е поради лошото време. Тие најавија и што ќе се случува вечерва на Самуиловата тврдина, и подоцна во Универзалната сала во Скопје, каде што ќе се игра претставата.

Србиновски пишува дека „Македонски Фауст“ нема за цел да рехабилитира и да брани, уште помалку да осудува, а најмалку да прекопува туѓи коски и да ги закопува на наши гробишта. „Венко Марковски нека почива како што почива. Ова е обид со помош на Гете и ние да излеземе од историјата и да влеземе во постисторијата, во естетиката со театар и со постмодерно есеизирање за сопствените колективни трауми“.

Сценографијата на Кире Јовановски е најскапиот дел од проектот - претставата ќе се игра на сцена-брод, што треба да се дига со хеликоптер. Се зборуваше дека станува збор за една од најскапите претстави, гласина што беше демантирана од режисерот Миленковски. Тој е член на Комисијата за театар, а Србиновски претседател на Комисијата за издаваштво при ресорното министерство - факти што дополнително ги потхранија претпоставките за можно „искористување“ државни пари. Сй уште не се знае колку пари се потрошени за „Македонски Фауст“ - колку и дали дал лично министерот за култура, повикувајќи се на правото што му го дава Законот, колку дале спонзорите итн.

Во „Македонски фауст“ ќе настапат актери од разни театри - Бранко Ѓорчев, Јелена Жугиќ, Владе Талевски, Митко Апостоловски, Николина Кујача, Нино Леви, Дејан Лилиќ, Јордан Симонов, Мирче Доневски, Калина Наумова, Драган Довлев, Владимир Ендровски и Александар Микиќ. Костимите се на Александар Ношпал, музиката на Венко Серафимов, а Синиша Ефтимов му беше асистент на режисерот Миленковски.


family cv articles memoirs copyright